Албанскиот премиер Еди Рама ја исклучи можноста за територијално обединување на Косово и Албанија, нагласувајќи дека „националното обединување значи само приклучување кон Европската унија, сѐ друго е бајка“. Изјавата ја даде во интервју за емисијата „Jehona Politike“ на Клан Косова.
Рама посочи дека старите регионални „формули“ од 19. и 20. век денес немаат место и дека приоритет треба да биде европската интеграција и зајакнувањето на меѓународните партнерства на Косово. Неговите ставови беа пренесени и од повеќе албански медиуми, кои истакнаа дека секој друг модел на обединување е нереален.
Изјавата доаѓа во време на засилени дебати околу европскиот курс на регионот и позиционирањето на Тирана и Приштина кон Брисел, а Рама повторно го потенцира ставот дека „обединувањето“ е можно само низ политичка и правна интеграција во рамките на ЕУ, а не преку промена на граници.






