Русија изврши масовен напад врз Украина: Повеќе од 600 дронови и ракети, најмногу погоден Киев
Украина соопшти дека Русија во текот на ноќта кон неделата лансирала 595 дронови и 48 ракети, при што нејзината противвоздушна одбрана успеала да собори 568 дронови и 43 ракети. Главна цел на нападот бил главниот град Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот траел повеќе од 12 часа и предизвикал сериозни оштетувања на кардиолошка клиника, фабрики и станбени згради. Тој повторно ја повика меѓународната заедница да преземе решителни мерки за запирање на приходите што Русија ги добива од продажба на енергенси и со нив ја финансира својата инвазија.
„Време е за одлучно делување и очекуваме силен одговор од САД, Европа, Г7 и Г20“, напиша Зеленски на Телеграм, иако засега не успеал да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции кон Москва.
Жителите на Киев ги разбудиле силни експлозии, звукот на дронови и активностите на противвоздушната одбрана. Утрото, облаци од чад се издигнувале над погодените области, а дел од граѓаните биле принудени да се засолнат во метро-станиците.
Нападнати биле и неколку региони на северот, центарот и југот на земјата, вклучително и градот Запорожје, каде што најмалку 16 лица се повредени, а повеќе згради уништени.
Според итните служби, на територијата на Украина загинале најмалку четири лица, а 67 се повредени. Меѓу жртвите, според неофицијални информации, е и 12-годишно девојче.







