Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е поведена истражна постапка против 37-годишен маж, осомничен за кривично дело „изнуда“ од член 258 став 1 од Кривичниот законик.
Во изминатите два месеца осомничениот телефонски и преку апликации испраќал пораки со сериозни закани до жена која живее во странство. Тој барал од неа 15.000 евра, заканувајќи се по нејзиниот живот и животот на нејзините мајка и брат.
Жената на 17 септември испратила 500 евра преку „Вестерн унион“, а за остатокот од 4.500 евра се договориле да му ги предаде во живо, пред Клиниката за онкологија.
Кога оштетената пристигнала во земјава на 25 септември, веднаш го пријавила случајот во полиција. При обидот да ги земе парите, осомничениот бил приведен на лице место.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци или повторување на делото, јавниот обвинител предложи на осомничениот да му биде определен притвор.






