Пет лица од Штип пријавиле симптоми на труење со храна откако јаделе сендвичи со пилешки стек во киоск-сендвичарница, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на лабораториските резултати.
Случајот бил евидентиран од Центарот за јавно здравје – Штип, по што инспектори на АХВ спровеле вонреден надзор. – Земени се примероци од храната и брисеви од работните површини. Објектот останува затворен сè додека безбедноста не се потврди со лабораториски анализи – соопштија од АХВ.
Засегнатите граѓани побарале лекарска помош, а здравствените служби ја следат нивната состојба.
Од Агенцијата додаваат дека инспекциските контроли ќе продолжат со цел заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.






