92-годишната Мариeн Илич, најбогатата Македонка во Детроит, ја доби наградата „Ќерка на Македонија“ на гала вечерта по повод 20-годишниот јубилеј на Обединетата македонска дијаспора – ОМД, што се одржа во Детроит. На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска – Давкова.
– Ги сакам Македонците и добро го зборувам јазикот, иако со децата често имаме забавни ситуации бидејќи тие не го знаат македонскиот јазик. Јас сум горда што сум Македонка, навистина сум горда…ние сме добри луѓе – рече Илич на доделувањето на наградата.
Таа истакна дека има прекрасен живот и им порача на присутните Македонци да бидат горди на своите семејства и да се чувствуваат со крената глава. – Многу не знаат каде е Македонија. Мајка ми е од Буф, татко ми е од Битола, сум била кај моите баби и дедовци, таму е прекрасно – додаде Илич, откривајќи дека нејзините деца годинава планираат повторно да ја посетат Македонија.
Илич ја сподели и приказната за своите родители и како го научила македонскиот јазик. – На времето мајка ми требало да се венча за друг, но татко ми успеал да ја спречи венчавката и потоа се оженил со неа – рече таа.
Мариeн Бајоф Илич, родена во Мичиген, САД, е македонско-американска стопанственичка и заедно со сопругот Мајк Илич основач на мултинационалниот синџир „Литл Цезарс Пица“ со 4.000 ресторани низ светот. На шега, таа рече дека единственото што не им текнало е да го прошират синџирот и во Македонија.
Според Блумберг, Илич е една од седумте најбогати жени во светот.







