Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева е позитивна на коронавирусот и ги запре изборните активности, но секако ја има доста во бугарските медиуми. Во последниот разговор за бугарскиот медиум Марица.бг таа зборува за тоа како се чувствува додека е дома и болна, но и за тоа како оваа криза ќе се рефлектира на живеењето.
Не пропушта да ги спомене и односите со Македонија, иако овој пат немаше конкретно прашање за тоа. На прашањето впрочем дека таа е министер за надворешни работи и констатацијата дека поради тоа граѓаните со кои разговара можеби не наоѓаат интерес во тие теми, Захариева вели дека тоа не е така. Тврди дека Бугарите многу се интересирале за македонско-бугарските односи и дека ги чувствувале Македонците како најблиски. Сепак констатира дека тоа не е така во Македонија.
„ Кога шетам низ Пазарџик (нејзиното родно место, н.з.) десетици луѓе ме запираат и ме прашуваат не само за внатрешната, туку и за надворешната политика, на пример, за нашата позиција во однос на Република Северна Македонија. Би сакала да ги поканам моите колеги од владата во Скопје да го слушнат мислењето на народот – дека Македонците им се најблиски. Сепак тие (Владата од Скопје, н.з.) постојано нè потсетуваат дека нема да прифатат компромиси со нивната државна доктрина заснована на омраза кон Бугарија и нашиот народ. Јас сум оптимист дека наскоро ќе дојде моментот во нашата врска кога ќе престанеме да ја користиме нашата заедничка историја за пропаганда и заедно ќе гледаме напред. Нема сомнение дека местото на Република Северна Македонија е во Европската унија, а сите го сакаме тоа“, вели Захариева.






