Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека западните армии не можат бесконечно да се бранат од руските беспилотни летала користејќи скапи ракети, бидејќи тоа претставува огромен финансиски товар.
„Не е одржливо да се соборуваат дронови што чинат илјада или две илјади долари со ракети кои вредат половина милион или милион долари. Затоа сите ние развиваме нови технологии и брзо учиме од искуството на Украинците“, изјави Руте за Блумберг.
Тој ги опиша неодамнешните упади со беспилотни летала во Данска како „многу загрижувачки“ и додаде дека Алијансата мора да најде поекономични начини за одбрана.
Руте истакна и дека американскиот претседател Доналд Трамп бил корисен за НАТО „бидејќи го зголеми притисокот врз земјите-членки да издвојуваат повеќе средства за одбрана“.
„Секогаш сум верувал во НАТО, но мислам дека доаѓањето на претседателот Трамп навистина помогна“, рече тој.
Во врска со руската агресија, генералниот секретар нагласи дека целта на Алијансата е да се изврши силен притисок врз Владимир Путин „за конечно да седне на преговарачка маса“, изразувајќи доверба дека таа цел ќе биде постигната.






