Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, истакна дека унапредувањето на локалната инфраструктура останува еден од клучните приоритети на Министерството за транспорт. Во рамките на состанокот на Работниот комитет, на кој учествуваа генералниот секретар, амбасадорот на Словачка и претставници на УНДП, заменик-министерката го нагласи значењето на стратешките инфраструктурни проекти кои помагаат во регионалното поврзување и ја подобруваат пристапноста на земјата кон европските и глобалните пазари.
Таа го издвои Коридорот 8 и 10 како приоритет, заедно со бројни други клучни проекти, кои се од суштинско значење за зголемување на ефикасноста на транспортот и одржливиот развој. „Овие проекти не само што ќе го подобрат квалитетот на животот за нашите граѓани, туку и ќе ја позиционираат Северна Македонија како транспортен јазол со стратешко значење во регионот“, изјави Зеколи-Шаќири. Состанокот служеше како платформа за размена на идеи и зајакнување на меѓународните партнерства за понатамошен развој на локалната инфраструктура.






