Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во петокот остро реагираше на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврдејќи дека тој „почнува да го губи разумот“. Реакцијата следува по изјавата на Зеленски дека извидувачки беспилотни летала, кои го нарушиле украинскиот воздушен простор, веројатно потекнуваат од Унгарија.
„Претседателот Зеленски почнува да го губи разумот со своите антиунгарски чувства. Сега му се гледаат чудовишта“, напиша Сијарто на Фејсбук.
Зеленски претходно изјави дека спорното летало дошло од Унгарија со цел да го истражи индустрискиот потенцијал на пограничните области, повикувајќи се на прелиминарен воен извештај.
Односите меѓу Киев и Будимпешта се напнати, иако Унгарија е членка на Европската Унија и НАТО, кои ја поддржуваат Украина во конфликтот со Русија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е скептичен кон западната воена помош за Украина и одржува блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин.






