Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека ситуацијата во Германија повеќе не може да се опише како мирнодопска, со оглед на сè почестите напади врз податоците и инфраструктурата.
„Не сме во војна, но не сме ни во мир“, изјави Мерц во петок на самитот Schwarz Ecosystem во Берлин, додавајќи дека заканата е реална. Иако не ги именуваше сторителите, тој наведе низа непријателски дејства кои го загрижуваат.
Тој истакна „огромни закани за лица во јавниот живот“, вклучувајќи прелети на дронови, шпионажа, убиство на Чечен во берлинскиот Тиргартен во 2019 година, саботажи и секојдневни обиди за парализа на центри за податоци.
Мерц предупреди и за кибернапади, истакнувајќи дека веројатно секој втор учесник на самитот барем еднаш бил погоден од напади врз своите податоци и инфраструктура.
Тој спомена и неодамнешни инциденти на аеродромите во Данска и Норвешка, каде дронови го попречиле функционирањето на аеродромите, што данските власти го опишаа како „хибриден напад“ со можна поврзаност со Русија.







