Италијанската премиерка Џорџа Мелони се споменува како можна фигура која ќе помогне во процесот на приближување на ставовите меѓу Македонија и Бугарија, пренесува порталот lideri.mk, повикувајќи се на дипломатски извори во Скопје.
Според информациите, директното вклучување на Мелони би можело да даде позитивен импулс во надминувањето на разликите што го блокираат почетокот на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
„Мелони е идеална фигура за приближување на позициите на Македонија и Бугарија. Таа е влијателен глас во ЕУ и еден од најсилните американски сојузници во Европа,“ изјавиле дипломатските извори за медиумот.
Станува збор не за класично посредништво, туку за ангажман кој би помогнал во унапредување на спорните прашања меѓу двете земји.
Ваквите најави индиректно ги потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој на брифинг со новинарите во петокот изјави: „Очекувам позитивен развој на настаните со Бугарија на почетокот на следната година. Разговаравме и со премиерот на една од трите најголеми земји од ЕУ.“
Тој не откри за која земја станува збор, но истакна дека очекува „акција од друг центар на моќ“.






