Седумгодишно девојче од селото Челопек почина во текот на викендот во Клиничката болница Тетово, соопштија денеска од установата. Пациентката била примена на Одделението за педијатрија во саботата навечер, а починала следниот ден, и покрај обидите на лекарите да ја спасат.
„Пациентката беше примена на 20 септември во 20:40 часот и веднаш беа преземени сите неопходни мерки согласно медицинските протоколи за поставување на точна дијагноза. Се спроведе интензивна рехидратација и други соодветни третмани“, информираат од болницата.
Во текот на лекувањето било побарано и вклучување на Одделението за ОРЛ за аспирација на секрети од усната шуплина. Но, за време на интервенцијата девојчето не покажало знаци на реакција, по што било итно префрлено на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега. И покрај максималните напори за реанимација, лекарите не успеале да го спасат неговиот живот.
Болницата побарала да се изврши судско-медицинска обдукција за да се утврдат точните причини за смртта, но семејството на девојчето го одбило тоа барање.
„Изразуваме искрено сочувство и длабока тага до семејството во овие исклучително тешки и трагични моменти“, наведуваат од Клиничка болница Тетово, додавајќи дека се подготвени целосно да соработуваат со надлежните институции.






