Украински и руски претставници денеска повторно ќе се сретнат во Истанбул на втора рунда преговори за можен прекин на огнот и ставање крај на војната, јави агенцијата ДПА.
Средбата е закажана за 12 часот по локално време (10:00 часот по Гринич) во палатата Чираган, соопшти турското Министерство за надворешни работи. Иницијативата за овие разговори доаѓа од Москва.
Претходната директна средба меѓу двете страни се одржа во мај, прва од 2022 година, и резултираше со размена на затвореници.
Украинската страна, според претседателот Володимир Зеленски, на оваа рунда настапува со барања за целосно и безусловно примирје, ослободување на сите затвореници и враќање на киднапираните деца.
– За да се постигне траен мир, неопходно е да се организира и состанок на највисоко ниво, истакна Зеленски.
Од Москва, пак, стигна одбивање на безусловен прекин на огнот, но руски официјални лица изразија подготвеност за разговор под одредени предуслови.
– За време на евентуален прекин на огнот, неопходно е Западот да го прекине снабдувањето со оружје за Киев, а Украина да ја запре мобилизацијата, изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.







