Фон дер Лаен најави санкции кон Израел: „Ситуацијата во Газа ја потресе совеста на светот“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека хуманитарната катастрофа во Појасот Газа ја разнишала меѓународната заедница и повика на итни и конкретни мерки од страна на Европската унија.
„Она што се случува во Газа ја потресе совеста на целиот свет. Гладот, предизвикан од човечки фактор, никогаш не смее да биде оружје во војна. Тоа мора да престане,“ нагласи Фон дер Лаен.
Таа потсети дека ЕУ е најголем донатор на хуманитарна помош за Газа, но истакна дека Европа мора да направи повеќе за да се спречи дополнително влошување на состојбата и да се отвори пат кон одржлив мир.
Во тој контекст, таа најави пакет мерки што Унијата ќе ги разгледа во наредниот период, меѓу кои: привремен прекин на билатералната поддршка за Израел (освен за цивилното општество и институции како „Јад Вашем“), санкции за екстремистички министри и насилни доселеници, делумна суспензија на Спогодбата за асоцијација со Израел во делот за трговија, како и формирање донаторска група за Палестина со посебен фонд за обновата на Газа.






