Венс: Постои голема шанса за одличен трговски договор меѓу САД и Велика Британија
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека постои „голема шанса“ за постигнување „одличен трговски договор“ меѓу САД и Велика Британија, потенцирајќи ја, како што рече, „љубовта“ на американскиот претседател Доналд Трамп кон таа земја и британското кралско семејство.
Како што пренесе „Ројтерс“, Велика Британија засега е „поштедена“ од најстрогите царини предвидени во почетниот трговски план на Трамп, главно поради тоа што трговската размена меѓу двете земји е релативно балансирана.
Сепак, британскиот извоз во САД моментално се соочува со царина од 10 проценти, додека челичниот и автомобилскиот сектор подлежат на повисоки стапки од 25 отсто.
Венс изјави дека Трамп „навистина ја сака Велика Британија“, нагласувајќи дека има голема почит и љубов кон британската кралица и кон актуелниот крал.
„Тој има длабоки врски со Велика Британија, не само политички, туку и деловни. Како бизнисмен, Трамп има направено значајни инвестиции и имал бројни обврски во Велика Британија“, додаде Венс.
Во контекст на културните врски меѓу двете нации, потпретседателот нагласи дека верува оти постои реална можност за договор што ќе биде од заеднички интерес и корист за двете страни.






