Лондон ја ограничи израелската влада – Израел се повлекува од саемот за одбранбена опрема DSEI 2025
Израелското Министерство за одбрана соопшти дека нема да учествува на претстојниот меѓународен саем за одбранбена опрема DSEI UK 2025 во Лондон, кој ќе се одржи следниот месец. Одлуката доаѓа откако британската влада воведе ограничувања за учество на претставници на израелската влада и армија.
Во соопштението, израелското министерство го оцени потегот како „штетен и срамен“, нагласувајќи дека станува збор за директна мерка насочена кон израелските претставници. Поради тоа, Израел нема да биде претставен во национален павилјон, иако одбранбените компании од земјата кои ќе одлучат да присуствуваат ќе добијат целосна институционална поддршка.
„Оваа одлука е политички мотивирана, ѝ служи на екстремистичката агенда и дава легитимитет на тероризмот“, се наведува во реакцијата на Министерството за одбрана на Израел, која ја пренесе Тајмс оф Израел.
Првично за ограничувањето извести Политико, повикувајќи се на извори во британската влада. Портпарол на Даунинг стрит изјави дека плановите на Израел за проширување на воените операции во Појасот Газа и преземање на градот Газа биле директна причина за донесената одлука.
Неименувани владини претставници за Политико истакнале дека израелските компании за производство на оружје ќе можат да учествуваат на саемот, но предупредија дека тоа може да предизвика масовни протести во Лондон.






