Трамп најави економски притисок врз Русија: Санкции доколку не се стави крај на конфликтот во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес, дека е подготвен да воведе економски санкции против Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот, предупредувајќи на сериозни последици.
„Сакаме конфликтот да заврши. Имаме економски санкции. Говориме за економски санкции бидејќи нема да влеземе во светска војна“, рече Трамп.
Трамп не наведе конкретен временски рок за воведување на санкциите доколку војната во Украина не се запре, пренесува CNN.
„Не станува збор за светска војна, туку за економски притисок. Тоа ќе има сериозни последици за Русија“, додаде претседателот.
Тој изрази надеж дека сепак постои можност за посредување и постигнување договор за завршување на конфликтот.
Исто така, Трамп повторно го потенцираше делот од одговорноста на украинскиот претседател Володимир Зеленски за ескалацијата на конфликтот.
„Она што мислев дека ќе биде најлесно, се покажа како најтешко“, рече Трамп, додавајќи дека сепак верува дека може да помогне во завршувањето на конфликтот.
Претседателот повеќе пати најавуваше воведување санкции против Русија доколку војната во Украина не заврши и поставуваше временски рокови, но тие подоцна беа продолжувани.






