Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека би можело да има „последици“ доколку не се реализира средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски. Тој не прецизираше на кого би се однесувале тие последици и каков би бил нивниот карактер.
И покрај бројните шпекулации за можниот датум и место на средбата, состанокот засега изгледа неизвесен, бидејќи руските напади врз Украина продолжуваат. На новинарско прашање зошто Путин одбива средба, Трамп изјави: „Затоа што не го сака“.
Трамп потврди дека повторно разговарал со Путин по неговата средба со европските лидери минатата недела. „Секој разговор што го имам со него е добар. Но потоа, за жал, паѓа бомба врз Киев или друго место, и тоа ме лути,“ рече тој.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио разговарал со европските колеги за можни безбедносни гаранции за Украина, во случај состанокот да се одржи и да отвори пат кон мировен договор. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибихa ја поздрави американската иницијатива, но нагласи дека гаранциите мора да бидат правно обврзувачки и ефикасни.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, пак, предупреди дека Кремљ сè уште не се откажал од своите максималистички цели и нагласи дека Москва може да се натера на преговори само преку засилен политички, економски и воен притисок.
Паралелно со овие случувања, во Франција вниманието е насочено кон можноста за гласање недоверба на владата наредниот месец, што би можело да ја отвори најдлабоката политичка криза во втората најголема економија на ЕУ.






