Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во рок од две недели ќе се знае дали ќе се постигне мир во Украина, предупредувајќи дека во спротивно ќе „заземе поинаков пристап“.
Ова е уште еден во низата рокови што Трамп ги најавува за завршување на војната, без досегашни конкретни резултати, пренесе The Kyiv Independent.
Изјавата следеше по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, неколку дена по разговорот со рускиот лидер Владимир Путин, кој исто така не донесе напредок.
На неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп напиша дека Украина не може да ја добие војната без напад на територија на Русија, обвинувајќи го Џо Бајден дека му дозволува на Киев само да се брани. „Интересни времиња се пред нас“, додаде тој.
Овој став се разликува од неговото интервју во декември 2024 за Time, кога предупреди дека американски напади врз Русија би биле „голема грешка“ и ризик за ескалација.
Зеленски, пак, порача дека Украина е подготвена за билатерална средба, но ако Москва одбие, очекува решителна реакција од САД.







