Путин подготвен за компромис околу Украина, откриваат руски извори
Руски извори тврдат дека претседателот Владимир Путин прифатил компромис во врска со територијалните барања што ги постави во јуни 2024 година. Според нив, Москва бара Украина да се откаже од целиот Донбас, како и од регионите Херсон и Запорожје, со што Киев би отстапил четири области под руска контрола.
Како дел од условите, Путин бара Украина да се откаже од амбициите за членство во НАТО, да остане неутрална и да не дозволи западни војници на своја територија, јави Ројтерс, повикувајќи се на тројца добро информирани извори.
Прашањето било во фокусот на тричасовниот разговор зад затворени врати меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска – првиот билатерален самит на двете земји по повеќе од четири години.
Во заедничката изјава по средбата, Путин изрази надеж дека разговорите ќе отворат пат за мир, но ниту тој ниту Трамп не открија детали за дискусијата.
Според руските извори, Москва во најновиот предлог бара Киев целосно да се повлече од областите на Донбас што сè уште ги контролира, а за возврат би се замрзнале постојните фронтовски линии во Херсон и Запорожје.






