Русија категорично ги одби плановите на САД и ЕУ за испраќање мировни сили во Украина, засилувајќи ја реториката и воздушните напади.
„Се надевам дека оние што развиваат вакви планови разбираат дека ова е апсолутно неприфатливо за Русија“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, додавајќи дека западните идеи за безбедносни гаранции за Украина имаат цел да ја изолираат Русија и да ѝ нанесат „стратешки пораз“.
Западната „коалиција на волните“ – Финска, Франција, Германија, Италија и Британија – во Вашингтон разговараше за план во кој САД би понудиле воздушна моќ, одбрана и разузнавачки капацитети, а европските држави би испратиле најмалку 10.000 војници.
Истовремено, руските претставници открија дека Путин поставил неприфатливи услови: Украина да ги предаде Донецк и Луганск во целост, да гарантира неутралност и останување надвор од НАТО, како и олеснување на санкциите.
Како можни локации за средба Путин–Зеленски се споменуваа Будимпешта, Женева и Виена, но Лавров изрази сомнеж околу легитимноста на украинскиот претседател во потпишувањето мировни договори.






