Средбата во Белата куќа меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп предизвика внимание поради мапата што ја претстави Вашингтон за состојбата на фронтот.
На мапата што Трамп му ја покажал на Зеленски било наведено дека Русија контролира 99% од Луганск, 76% од Донецк, 73% од регионите Херсон и Запорожје, 4% од Харков и половина процент од Сумски и Николаев. Зеленски реагирал со коментар: „Ви благодарам за мапата, беше одлична. Сега размислувам како да ја вратам“, што предизвика смеа кај присутните лидери.
Трамп, пак, истакна дека „Русија зеде голем дел од територијата и таа е под нивна контрола“, додавајќи дека руските сили се „очигледно многу помоќни“. За Фокс њуз тој изјави дека Донбас во моментов е „79% во рацете на Русија“.
Зеленски не се согласи со овие проценки и презентираше сопствена мапа, според која Русија во последните 1.000 дена окупирала помалку од 1% од украинската територија.
Западните медиуми пренесоа дека рускиот претседател Владимир Путин телефонски му рекол на Трамп дека сака целосна контрола врз Донбас во замена за прекин на огнот и можен договор.
Аналитичарите од украинската група DeepStateUA проценуваат дека од ноември 2022 година Русија окупирала околу 5.842 квадратни километри.
Состанокот во Вашингтон заврши по 40 минути, а Трамп најави телефонски разговор со Путин и можност за тројна средба со Зеленски. Австрија, Унгарија, Швајцарија и Србија се нудат како потенцијални домаќини на ваков самит.
Зеленски изјави дека во следните десет дена очекува разјаснување околу безбедносните гаранции што ѝ се нудат на Украина.







