Министерството за внатрешни работи соопшти дека во периодот од 1 април до 18 август 2025 година во врска со пожари на отворен простор биле приведени 39 лица, а поднесени се 25 кривични пријави.
Од МВР информираат дека најголем дел од пожарите биле предизвикани од човечки фактор со различни мотиви, а во тек се активности за целосно расчистување на случаите и утврдување на евентуална меѓусебна поврзаност.
„Од 1 јули до 30 јули 2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, без писмено одобрение биле затекнати 22 лица. Против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по Законот за шуми“, велат од МВР.
За рана превенција и брза реакција, полицијата веќе користи дронови за надзор на шумските подрачја низ државата. Со ова, според МВР, значително се зголемила ефикасноста при раното предупредување, лоцирањето на пожари и идентификацијата на можни причинители.






