Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека за време на руско-американскиот самит во Алјаска станало јасно дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим имаат искрена желба да постигнат долгорочен и траен мир во Украина.
Лавров истакна дека атмосферата на средбата меѓу Трамп и Путин била добра и дека разговорите биле конструктивни. „Беше јасно дека американскиот шеф на држава и неговиот тим искрено сакаат да постигнат резултат кој ќе биде долгорочен, траен и сигурен“, изјави Лавров.
Тој направи паралела помеѓу ставот на САД и оној на европските лидери, нагласувајќи дека додека Соединетите Американски Држави се посветени на решавање на кризата, Европа се фокусира само на прекин на огнот и продолжување на снабдувањето со оружје за Украина.
„Претседателот Трамп и неговиот тим, особено по состанокот во Алјаска, почнаа многу подлабоко да навлегуваат во решавањето на оваа криза, разбирајќи дека нејзините корени мора да се елиминираат – нешто што претседателот Путин постојано го повторува“, додаде Лавров.







