Рускиот претседател Владимир Путин, на средбата со американскиот лидер Доналд Трамп во Алјаска, изјавил дека Москва, доколку посака, може да го заземе целиот Донецк и останатите делови од Украина каде што сè уште се водат борби, пренесува американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на добро информирани извори.
Според тие извори, Трамп ја пренел пораката на Путин до украинскиот претседател Володимир Зеленски и до лидерите на НАТО во телефонски разговор кој траел повеќе од еден час и половина. Путин, како што тврди Трамп, јасно ставил до знаење дека не сака привремен прекин на огнот, туку сеопфатен договор за крај на војната.
Наводно, рускиот лидер изразил подготвеност да ја заврши војната во замена за дел од украинската територија, со гаранција дека нема да се обидува да преземе дополнителни области или да нападне други земји.
Во истиот повик, Трамп изјавил дека „брз мировен договор е подобар од примирје“, што претставува значаен пресврт во однос на неговите претходни позиции. Зеленски, пак, возвратил дека Путин ја прикажува искривено ситуацијата на фронтот.
По самитот, Трамп за „Фокс њуз“ изјави дека со Путин се согласиле „за повеќето, но не за сите прашања“, додавајќи дека „сега од Зеленски зависи да го заврши процесот“.
Украинскиот претседател потврди дека Киев останува подготвен да вложи максимални напори за постигнување мир, но нагласи дека за сигурни безбедносни гаранции неопходна е и активна улога на Европа.
На социјалната мрежа Truth Social, Трамп ја оцени средбата со Путин како „многу успешна“ и најави дека наскоро би можела да се одржи трилатерална средба со Путин и Зеленски.






