Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повтори дека Киев ќе инсистира на заострување на санкциите против Русија доколку не се одржи трилатерална средба со учество на него, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, или доколку Москва се обиде да го одложи завршувањето на војната.
Зеленски истакна дека во телефонскиот разговор со Трамп, кој следеше по средбата меѓу американскиот и рускиот претседател во Анкориџ, Алјаска, ја нагласил ефикасноста на санкциите.
„Санкциите се силна и ефективна алатка“, напиша тој на социјалната мрежа Х. „Тие мора да се зајакнат ако не дојде до трилатерална средба или ако Русија се обиде да избегне чесен крај на војната“, додаде украинскиот претседател.
Од Кремљ, пак, соопштија дека идејата за трилатерален состанок воопшто не била разгледувана. Зеленски повторно повика на сигурни и долгорочни безбедносни гаранции за Украина, со вклучување на Европа и САД, нагласувајќи дека Киев мора да биде дел од сите преговори што се однесуваат на украинските територии.
Во моментов, Русија контролира речиси една петтина од територијата на Украина, меѓу нив и Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Средбата во Алјаска меѓу Путин и Трамп беше одржана без присуство на украински претставници, иако токму таа земја е жртва на руската агресија веќе речиси три и пол години. Според најавите, Зеленски во понеделник ќе има директна средба со американскиот претседател во Вашингтон.






