Претседателот на САД, Доналд Трамп, им порачал на европските лидери дека Вашингтон е подготвен да обезбеди безбедносни гаранции за Украина – но под одредени услови.
Како што објави Политико, Трамп го изнел овој став за време на виртуелен состанок организиран од Германија, на кој учествувале европски и украински функционери, со цел усогласување на заедничка стратегија пред неговиот планиран самит со рускиот претседател Владимир Путин, закажан за петок.
Според изјави на европски дипломат, британски претставник и уште еден соговорник запознаен со разговорите, Трамп нагласил дека САД би можеле да помогнат Украина да развие капацитети за одвраќање на идни руски напади, но само по постигнување на прекин на огнот и исклучиво надвор од рамките на НАТО.
Иако не прецизирал конкретни механизми за тие гаранции, Трамп, според изворите, гледа на САД како на еден од клучните актери во евентуалното конечно решение. „Трамп признава дека американските безбедносни гаранции би можеле да бидат дел од договорот и смета дека САД треба да играат важна улога во процесот“, изјавил британски претставник. Белата куќа засега не ги коментира овие наводи.
Европските и украинските официјални лица оценуваат дека Трамп ги зема предвид нивните ставови и дека се стреми кон прекин на огнот, но изразуваат загриженост за исходот од средбата со Путин. Во меѓувреме, ЕУ веќе работи на сопствени безбедносни механизми за Украина, меѓу кои и формирање „коалиција на подготвени држави“ што би испратиле копнени трупи за одржување на мировниот договор. Сепак, како што истакнуваат дипломатите, политичката поддршка на САД останува клучна за легитимноста и долгорочната одржливост на каков било договор.






