Најмалку 89 Палестинци се убиени во израелски напади во Појасот Газа во текот на вчерашниот ден, соопштија медицински извори. Околу половина од жртвите се во градот Газа.
Седум лица загинале северозападно од градот, на место за дистрибуција на помош, а уште седум – меѓу кои пет деца – во воздушен напад врз шатор. Во друг напад со дрон во северниот дел на Појасот загинало едно лице, а петмина биле убиени во централниот дел додека чекале помош.
Нападите доаѓаат во пресрет на најавената израелска офанзива за освојување на градот Газа, што предизвика меѓународни предупредувања за катастрофални хуманитарни последици. Жителите стравуваат дека воздушните удари се подготовка за копнен напад.






