Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе побара од европските сојузници да ја финансираат исплатата на повисоки плати за украинските војници, објави Bloomberg. Тој истакна дека досега Европа помагала само со оружје, но дека „украинските војници самите се оружје што ја штити цела Европа“.
Во четвртата година од војната со Русија, мобилизацијата станува сè помалку популарна меѓу украинското население. Властите се обидуваат да привлечат доброволци со високи парични надоместоци за потпишување на договори, но зголемените исплати за војската го зголемуваат и товарот врз државниот буџет.
Минатата година буџетскиот дефицит на Украина надмина 20% од БДП поради високите трошоци за одбрана. Сега, Зеленски вели дека земјата ќе има потреба од нови 25 милијарди долари годишно – околу 21 милијарда евра – за производство на дронови, проектили и системи за електронско војување, со што се очекува дефицитот да достигне 65 милијарди долари во 2026 година.
Претседателот нагласи дека разговорите за оваа финансиска поддршка веќе започнале со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кеир Стармер, како и со американски претставници.
„Темата е многу комплексна“, додаде Зеленски.







