Руските вооружени сили распоредија дополнителна опрема за електронско војување (EW) во близина на градот Кингисеп, во Ленинградската област, на само 20 километри од границата со Естонија. Веста ја соопшти естонскиот министер за внатрешни работи Игор Таро, пренесе јавниот сервис ERR.
Според Таро, Русија активно ја користи оваа технологија во инвазијата врз Украина за одбрана од дронски напади, но нејзиното влијание не е ограничено само на воени цели. „Се создаваат сериозни пречки во функционирањето на GPS-системите, кои се користат и во воздухопловството и во поморската навигација“, изјави Таро.
Естонија го оценува овој потег како безбедносна закана и веќе најави разговори со НАТО-сојузниците. Министерот додаде дека Талин е во директна комуникација со руската армија во врска со инцидентот.
Како што наведува ERR, кон крајот на јули естонските власти регистрирале засилени пречки на GPS-сигналите во близина на градот Нарва – кој се наоѓа на самата граница со Русија, на околу 25 километри од Кингисеп, местото каде се поставени руските средства за електронско војување.
Министерството за одбрана на Естонија уште во април објави план за изградба на воена база во Нарва, каде би биле стационирани 200 до 250 војници. Инаку, балтичките земји – Естонија, Латвија и Литванија – уште во 2023 година ја обвинија Русија за намерно нарушување на GPS-сигналите во Балтичкото Море.
Руското Министерство за одбрана засега не ја коментираше оваа ситуација.






