Шведската климатска активистка Грета Тунберг во четвртокот ненадејно се појави во Тетово, каде што го посети Општествено-културниот центар Тетово. Таа се запозна со активностите на организацијата и со регионалниот волонтерски ангажман, кој се реализира со поддршка од партнери од Белгија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Тунберг, заедно со тимот, ја посети и новата локација на центарот, која деновиве се подготвува со ангажман на над 100 волонтери. Официјалното отворање на новиот простор е закажано за сабота, во 18 часот.
Нема потврдени информации дали таа ќе учествува на други настани во земјава, но неофицијално се шпекулира дека може да се појави и во Скопје за време на викендот.
Посетата на Тунберг доаѓа по серија активности на Балканот, во рамки на нејзината ангажираност за поддршка на палестинскиот народ. Пред да пристигне во Македонија, таа присуствуваше на протест во Тирана, каде што се обрати пред голем број граѓани со порака за итен прекин на опсадата врз Газа.
Само неколку дена претходно, Тунберг беше дел и од хуманитарната мисија преку бродот „Мадлин“, кој се обиде да испорача помош за цивилите во Газа, но беше пресретнат од израелските сили во меѓународни води. По тој инцидент, Тунберг беше депортирана и вратена во Европа.






