Најмалку 15 лица ги загубија животите во нов бран израелски воздушни напади врз централниот и северниот дел на Појасот Газа, соопшти денеска Цивилната одбрана на палестинската територија.
Портпаролот на оваа служба информираше дека еден од најтешко погодените цели бил бегалскиот камп Ал-Шати, сместен на медитеранскиот брег, каде што повеќе од 50 лица се здобиле со повреди. Во кампот, кој беше сметан за релативно безбедна зона, во текот на војната се сместија илјадници внатрешно раселени Палестинци, многумина од нив живеат во шатори.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека во моментот на нападот во кампот се наоѓале меѓу 50.000 и 80.000 лица.
Сведоци јавуваат за голем облак чад над градот Деир-ал-Балах, во централниот дел на Газа, каде што израелската војска издаде наредба за итна евакуација на цивилите.
Според последниот извештај на OCHA, речиси 88 отсто од територијата на Појасот Газа сега е или под израелска наредба за евакуација, или се наоѓа во рамки на милитаризирана зона под директна контрола на израелската армија.
Хуманитарната состојба на теренот е сѐ покритична, додека борбите продолжуваат и натаму без најава за прекин.






