И покрај разорните напади и меѓународниот притисок, Иран нема намера да се откаже од својата нуклеарна програма, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за американската телевизија Fox News.
„Нема да се откажеме од збогатувањето ураниум, бидејќи тоа е резултат на трудот на нашите научници. Денес, тоа прашање е далеку повеќе од научно – станува збор за национална гордост“, истакна Арагчи.
Изјавата доаѓа само неколку дена по прекинот на воените дејствија меѓу Иран и Израел, кои кулминираа со 12-дневен вооружен конфликт. Израел започна воздушни напади врз цели низ цел Иран на 13 јуни, повикувајќи се на сомнежи дека Техеран работи на развој на нуклеарно оружје. Иран жестоко ги отфрли обвинувањата и одговори со ракетни и дронски напади врз израелска територија.
Во текот на конфликтот, САД се вмешаа на страната на Израел и употребија некои од своите најмоќни конвенционални бомби врз клучни ирански нуклеарни објекти. Арагчи потврди дека ударите нанеле сериозни оштетувања и дека моментално сите капацитети за збогатување ураниум се ставени во мирување.
И покрај тоа, иранските власти не се откажуваат од својата стратегија. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека „апсолутно би размислил“ за повторни напади врз Иран доколку земјата повторно почне со збогатување на ураниум над дозволените нивоа.
Во меѓувреме, дипломатските напори продолжуваат. За петок се најавени нови преговори меѓу Иран и таканаречената Е3-група, составена од Германија, Франција и Обединетото Кралство, со цел да се најде излез од кризата и да се спречи понатамошна ескалација.






