Рускиот претседател Владимир Путин веројатно ќе биде подготвен да прифати преговори со Украина само доколку руските сили претрпат сериозни порази на бојното поле, оценува американскиот Институт за проучување на војната (ISW).
Аналитичарите на ISW повторуваат дека нивната долгорочна проценка останува иста: единствениот реален начин за Москва да се повлече од своите воени цели е преку одлучна и навремена воена поддршка од Западот, што ќе ѝ овозможи на Украина да нанесе значајни порази на руските сили. Само такво сценарио, според нив, би можело да го натера Путин да се откаже од намерата за целосна воена победа и да седне на преговарачка маса.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ваквите порази не се нешто што може да се случи за неколку недели. Напротив, тие би барале месеци интензивни борби или дури целосна воена кампања од страна на Украина, поддржана со конзистентна и силна логистичка помош од западните сојузници.
Од ISW дополнуваат дека ова сценарио е возможно само ако Западот покаже сериозна решителност и обезбеди доволно оружје и поддршка за украинските одбранбени сили, што би овозможило водeње на ефикасни и координирани офанзивни операции.
Во меѓувреме, агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на три извори блиски до Кремљ, објави дека Владимир Путин донел одлука да го продолжи воениот ангажман се додека Западот не прифати дел од темелните руски барања, со што дополнително се усложнува изгледот за брза деескалација.






