Сѐ поголемиот притисок од јавноста ја натера администрацијата на Доналд Трамп да побара од федералниот суд во САД да ги отвори транскриптите од големата порота во случајот на Џефри Епстајн. Барањето е поднесено на 18 јули 2025 година, непосредно откако Wall Street Journal објави напис во кој е потенциран личниот однос помеѓу Трамп и Епстајн.
Одлуката доаѓа откако Министерството за правда најави дека повеќе нема да објавува документи поврзани со истрагата за трговија со луѓе и сексуална експлоатација, што предизвика силни реакции, дури и меѓу поддржувачите на Трамп. Според весникот, негодувањата се зголемиле и поради тоа што делови од администрацијата претходно поттикнувале очекувања за транспарентност.
Тод Бланш, заменик-државен обвинител, го поднесе официјалното барање до судот, со кое се бара да се откријат не само транскриптите од случајот на Епстајн, туку и оние поврзани со неговата соработничка Гилејн Максвел, која веќе е осудена за сексуално искористување на малолетни девојчиња.
Покрај ова, новиот медиумски удар дојде со откритието на писмо, наводно напишано од Трамп до Епстајн во 2003 година, по повод неговиот 50-ти роденден. Писмото, опишано како сексуално сугестивно и со цртеж на гола жена, не е целосно објавено, но според WSJ, завршува со реченицата: „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“.
Трамп жестоко ги негираше наводите, велејќи дека станува збор за „лажно, злобно и клеветничко писмо“ и најави тужба против весникот. Тој додаде дека веќе разговарал со сопственикот на медиумот Руперт Мардок и со главната уредничка Ема Тaкер, на кои им рекол дека писмото е „целосна измислица“.







