Советот на Општина Берово донесе одлука со која се овозможува ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за изградба на индивидуални куќи, наменето за млади лица и брачни другари до 35 години.
Мерката е наменета за сите млади кои сакаат да изградат сопствен дом на територијата на општината, а целта е да се поддржат младите семејства и да се стимулира останувањето и живеењето во Берово. Со ова ослободување значително се намалуваат трошоците поврзани со уредувањето на земјиштето, што претставува еден од поголемите финансиски предизвици при изградба на куќа.
„Ова не е само економска мерка, туку и порака дека Берово сака да ги задржи своите млади луѓе и да им овозможи услови за достоинствен живот на сопствен имот,“ истакнуваат од Општината.
Со ваквата одлука, Берово се позиционира како општина што активно работи на создавање долгорочни решенија за младите и вложува во својата иднина.







