НАТО денеска објави драматично соопштение со кое остро ја осудува Русија поради, како што ги нарече, „злонамерни кибер активности“ што претставуваат директна закана за безбедноста на западните сојузници. Во фокусот се серија хакерски напади насочени кон влади, институции и критична инфраструктура во членките на алијансата.
Северноатлантскиот совет откри дека Естонија, Франција, Велика Британија и САД ги припишуваат нападите на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Дополнително, Германија и Чешка идентификувале дека зад дел од нападите стои хакерската група APT28, која, според западните разузнавачки служби, е директно поддржана од Москва.
– Континуираните напади врз нашата клучна инфраструктура откриваат колку кибер и хибридните закани станаа централни во стратегијата на Русија за дестабилизација на Европа и поддршка на војната против Украина, се наведува во соопштението.
НАТО ја повика Русија итно да престане со дестабилизирачките активности, кои, според Алијансата, директно го кршат меѓународното право и ја разнишуваат рамката на ОН за однесување на државите во кибер просторот – рамка која, иронично, Русија тврди дека ја почитува.
Советот беше категоричен – руските хакерски активности нема да ја поколебаат поддршката на НАТО за Украина. Алијансата вети одлучен одговор на сите идни закани:
– Ќе реагираме во време и на начин што ние ќе ги избереме, во согласност со меѓународното право и заедно со нашите партнери, порача НАТО, додавајќи дека е решен да ги искористи сите расположливи средства за одбрана од сајбер агресија.
Ситуацијата ескалира – кибер војната станува реална и заканата е поголема од кога било.







