Министерството за здравство започнува со најголемата здравствена инфраструктурна офанзива во последната деценија, вредна над 205 милиони евра. Преку изградба, реконструкција и опремување на здравствени установи во повеќе градови, се цели кон квалитетно, достапно и модерно јавно здравство за сите граѓани.
Во Штип ќе продолжи изградбата на новата Клиничка болница, по раскинување на претходниот договор поради неисполнети обврски од страна на изведувачот. Новиот проект опфаќа и Медицински факултет, студентски дом, комплетна инфраструктура и паркинг. Вкупната инвестиција за овој комплекс изнесува 147,65 милиони евра.
Тетово добива два нови павилјони за специјализирани здравствени услуги — онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија. Ќе се реконструираат и хируршките и интернистичките оддели, како и целосното уредување на болничкиот простор. Овој проект чини 40 милиони евра.
Во Кичево, пак, ќе се гради целосно нова општа болница на нова локација, која ќе функционира како регионален здравствен центар. Објектот ќе биде современ, енергетски ефикасен и комплетно опремен, со инвестиција од 18 милиони евра.
Покрај градежните зафати, сите проекти вклучуваат набавка на најсовремена медицинска и техничка опрема, со што се унапредуваат и условите за пациентите и за здравствениот персонал.
Министерството нагласува дека овие инвестиции се дел од визијата за функционално и европски ориентирано здравство, каде што секој пациент ќе добие квалитетна и навремена грижа.






