Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ предупредува на повторно енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата за пиење, што сериозно го нарушува стабилното функционирање на водоснабдителниот систем во Скопје. Како резултат, можно е да се појават намален притисок и прекини во снабдувањето со вода во повеќе делови од градот.
„Водата за пиење е ограничен ресурс и апелираме до сите граѓани за рационална и совесна употреба“, истакнуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
И покрај секојдневните предупредувања, социјалните мрежи се преплавени со снимки и фотографии кои откриваат фонтани, јавни чешми и пукнати цевки од кои водата тече со денови без никаква интервенција. Видливата негрижа и нефункционалниот систем за одржување го поткопуваат апелот за штедење и дополнително ја влошуваат ситуацијата.
Граѓаните бараат побрза реакција од надлежните служби, посочувајќи дека системското расипништво и нефункционалната инфраструктура не смеат да се префрлаат на совеста на корисниците.






