Трамп му се закани на Бразил со разорни царини – Лула возврати: „Бразил нема да прифати туторство“
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати остро писмо до својот бразилски колега Луиз Инасио Лула да Силва, во кое се заканува дека од 1 август ќе воведе разорна царина од 50% на бразилските производи, пренесува CNN.
Во писмото, објавено на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп ја обвини администрацијата на Лула дека спроведува „лов на вештерки кој мора ВЕДНАШ да престане“, алудирајќи на судењето против поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро, кој е обвинет за обид за државен удар по претседателските избори во 2022 година.
„Ова судење не би требало ни да се одржи“, напиша Трамп, кој веќе неколкупати јавно го поддржа Болсонаро – политичар со кого споделува сличен популистички стил и тесни лични односи.
Лула остро одговори преку платформата X: „Бразил е суверена држава со независни институции и нема да прифати никакво туторство“, предупредувајќи дека секоја еднострана мерка ќе биде соодветно возвратена согласно Законот за економска реципроцитет.
„Секое зголемување на царините ќе добие соодветен одговор,“ додаде Лула, што е прва отворена закана за контрамерки од страна на странска влада по серијата писма со закани што Трамп ги испрати до 21 земја.
Минатата година, Бразил забележа трговски дефицит со САД во износ од 6,8 милијарди долари – што значи дека американскиот извоз во Бразил бил значително поголем од увозот. Според американската служба за статистика, најголем дел од извозот се однесува на авиони, горива, индустриски машини (вклучително и нуклеарни реактори) и електрична опрема – сектори кои би биле директно погодени од возвратна бразилска царина.
Уште од април, бразилските производи се соочуваат со минимална царина од 10% во рамки на 90-дневен преговарачки период, кој сега е продолжен до 1 август.
Ова не е првпат Трамп да користи закани со царини како инструмент на надворешна политика. Во изминативе месеци, тој се закани на Колумбија со 25% царина (со можност да се зголеми на 50%) доколку не прифати депортирани државјани од САД – на што Богота на крајот попушти. Слични мерки беа насочени и кон Мексико, Канада и Кина, најчесто со објаснување дека тие земји придонесуваат за илегална миграција или шверц на фентанил во САД.
Сепак, Трамп во писмото до Лула додаде дека царините нема да се применуваат ако бразилските компании решат да ги префрлат своите производствени капацитети на територијата на САД – понуда што, според него, ја упатил и до други светски лидери.







