Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска учествуваше на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, одржана во рамките на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети за Македонија. Таа објасни дека пристапот на земјата вклучува како изградба на нови објекти, така и реновирање на постојниот градежен фонд, со цел усогласување со минималните стандарди за енергетска ефикасност.
„Според Законот за енергетска ефикасност, обврзани сме да развиеме стратегија за реновирање на згради со најмалку десетгодишен период и да реновираме најмалку 1% од вкупната површина на јавни згради“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека зајакнувањето на енергетските перформанси на градежниот сектор не само што придонесува за економски бенефит и енергетска сигурност, туку и за почиста животна средина.






