Русија изврши нов масовен воздушен напад врз Украина, втора ноќ по ред, при што главниот град Киев беше најтешко погоден. Според официјалните информации, во нападот загинаа две лица, а најмалку 13 се повредени.
Нападот започнал околу 1:15 часот по локално време. Новинарите на „Киев Индепендент“ пријавија низа експлозии и присуство на ирански дронови „Шахед“ над централниот округ Печерск. Сведоци слушнале десетици детонации, како и звук од балистички ракети. Експлозиите продолжиле речиси непрекинато повеќе од еден час, активирајќи автомобилски аларми низ градот.
Украинските воздухопловни сили во текот на ноќта издадоа повеќе предупредувања, информирајќи дека беспилотни летала гаѓаат и други региони, вклучително и западна Украина – Тернопил и Ривне.
Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека во шевченковскиот и дарницкиот реон се запалени станбени згради, бензински пумпи и гаражи. Екипите за итни интервенции се на терен.
„За жал, имаме двајца мртви. Овие луѓе беа убиени од Русите. Ова е ужасна загуба“, изјави Тимур Ткаченко, началник на Воената администрација на Киев, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.
Од повредените 13 лица, девет се хоспитализирани, некои со повреди од шрапнели. Властите предупредуваат дека нападите сè уште траат и дека проценката на штетата е во тек.







