Израелските одбранбени сили (IDF) целосно го опколиле градот Бејт Ханун во северниот дел на Појасот Газа, откако во заседа во тоа подрачје загинаа пет израелски војници. Информацијата ја потврди портпаролот на IDF, Ефи Дефрин, на денешната прес-конференција, пренесе Times of Israel.
„Бејт Ханун е силно утврдено подрачје во кое сè уште се наоѓаат десетици терористи. Таму има мрежа на подземни тунели кои мораме да ги уништиме“, изјави Дефрин, нагласувајќи дека израелската армија ќе продолжи со офанзивните операции сè додека заканата по израелските градови не биде целосно отстранета.
Според информациите на армијата, инцидентот се случил синоќа, кога израелски војници биле погодени од експлозивна направа поставена покрај пат во Бејт Ханун. Во нападот загинале пет припадници на армијата, а уште 14 се повредени.
Првичната истрага укажува дека експлозијата се случила за време на копнена операција, при што единицата наишла на претходно поставена бомба.
Воените власти најавија дека ќе продолжат со дејствијата во северниот дел на Газа сè додека целата терористичка инфраструктура не биде неутрализирана. Ситуацијата на терен останува напната, а офанзивата се проширува и во други делови на Појасот Газа.






