Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина е подготвена за продлабочена соработка со Европската Унија, со цел проширување на меѓусебната отвореност и конструктивно надминување на разликите. Изјавата доаѓа по повод 50 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и ЕУ, во период на заладени односи поради глобалната несигурност и американските царини.
Без директно да ги спомне САД, Си посочи дека стабилните односи меѓу Кина и ЕУ не само што се од корист за двете страни, туку имаат и глобално значење. Тој ја повика Унијата на заедничка борба против „едностраното насилство“ и заштита на „праведноста и правдата“, опишувајќи ги односите со ЕУ како едни од највлијателните во светот.
Пекинг соопшти дека ќе ги пречека европските лидери Антонио Коста и Урсула фон дер Лајен за нова рунда самити, а годинава се планирани серија дијалози на високо ниво за економија, зелена транзиција и дигитализација. Потврдено е и обновување на контактите меѓу Кина и Европскиот парламент, откако Пекинг се согласи да ги укине санкциите воведени во 2021 година врз европратеници поради критики за состојбата со Ујгурите.
Портпаролот на кинеското МНР, Лин Џиан, изјави дека двете страни ја препознаваат важноста на дијалогот и изрази надеж дека обновената соработка ќе внесе „нов импулс“ во билатералните односи.






