Русија ноќеска извршила воздушни напади со беспилотни летала врз неколку локации во источна и јужна Украина, додека украинските сили возвратиле со удари врз цели на руска територија, јавува ДПА.
Во нападот врз украинскиот регион Херсон, биле повредени единаесет лица, соопшти регионалниот гувернер Олександар Прокудин. Според него, нападите оштетиле гасовод, бензинска пумпа, автосервис и неколку приватни возила.
Во градот Чугуив во источна Украина, биле ранети три лица, меѓу кои и дванаесетгодишно момче, потврди воениот гувернер на регионот, Олех Синегубов. Две лица се повредени и во градот Купјанск.
Руските напади ги таргетирале и Киев, а воздушни сирени биле активирани во повеќе региони – меѓу нив Суми на север, Доњецк и Харков на исток, како и Днепар и Запорожје на југоисток.
Како одговор, Украина извршила сопствени напади на руска територија. Според руските власти, непријателски дронови биле пресретнати во Ростовскиот регион на југот и во Смоленск, југозападно од Москва.






