Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави суштински реформи во јавната администрација и образованието, нагласувајќи дека граѓаните конечно ќе добијат институции кои ќе им служат навремено, точно и без непотребно чекање.
„Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, изјави Мицкоски.
Паралелно со реформите во администрацијата, тој најави и иновативни чекори во образовниот систем, прилагодени на современите потреби и идни трендови.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.
Завршувајќи со јасна порака до граѓаните, Мицкоски рече:
„Не ветуваме дека ќе биде лесно. Но ветуваме дека ќе биде чесно и нема да биде срамно. Ќе биде наше. Ќе биде вистинско. И најважно, ќе биде за тебе“.







