Американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за укинување на санкциите за повеќе руски компании и финансиски институции, меѓу кои и „Рособоронекспорт“ – државниот извозник на руско оружје. Овој потег следи веднаш по укинувањето на санкциите за Сирија, кое беше објавено на 1 јули.
Според „The Moscow Times“, од санкциската листа се тргнати и неколку други руски банки, фирми и поединци, од кои дел биле поврзани со поранешниот сириски режим, додека други немале директна врска со Сирија. Меѓу нив е и Кирсан Иљумжинов – поранешен претседател на Светската шаховска федерација (FIDE) и екс-лидер на руската република Калмикија, кој од 2015 година беше под американски санкции поради поддршка на режимот на Башар ал-Асад.
Истовремено, САД ја стопираа и испораката на клучно оружје за Украина, вклучително и системи за противвоздушна одбрана. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет издал наредба за пауза во испораката на ракети и муниција, поради ревизија на залихите, која доаѓа по години воена помош за Украина и зголемени обврски на САД на Блискиот Исток, особено во Израел и Јемен.
Оваа одлука доаѓа во критичен момент за Украина, откако земјата беше цел на еден од најразорните воздушни напади од почетокот на руската инвазија, при што беа лансирани над 60 ракети и речиси 500 дронови.
Американските медиуми предупредуваат дека залихите на воена опрема се опасно ниски, а Пентагон ја преиспитува долгорочната одржливост на поддршката за Киев.






