Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска информира дека за активните мерки од Оперативниот план досега се поднесени 6.026 апликации, а селекцијата веќе е во тек.
Како дел од мерките, 1.352 невработени млади лица до 29 години со најмалку завршено средно образование ќе имаат можност да стекнат практични вештини преку програмата за практиканство. Новина е што 40 од нив ќе учествуваат во виртуелно практиканство, обука на далечина прилагодена на современите услови, со месечен надоместок од 12.000 денари вклучувајќи осигурување и персонален данок, во период од три месеци.
Оперативниот план предвидува и финансиска поддршка за млади до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис – до 70.000 евра за индивидуални претприемачи, до 10.000 евра за иновативни идеи и до 20.000 евра за заеднички бизнис на најмалку две лица.
Министерот посочи дека мерката за обука кај познат работодавач останува една од најуспешните форми на подготовка за вработување, бидејќи ги поврзува невработените со компании што бараат кадар обучен според нивните потреби.
Дополнително, преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, како и социјални бизниси и граѓански организации, се повикуваат да создадат нови работни места. Досега пристигнале 1.133 апликации од компании за вработување над 1.400 невработени. Овој повик ќе трае до утре.
Поддршката за вработување изнесува 220.000 денари за млади до 29 години, за жени Ромки, за долгорочно невработени и корисници на социјална помош, додека за лица над 29 години е 160.000 денари.
Министерот потенцира дека овие мерки не се само бројки, туку надежи и приказни за младите кои бараат работа и развој на сопствен бизнис.






