Во пресрет на најавениот топлотен бран и зголемениот ризик од шумски пожари, Владата презема чекори за подобрување на капацитетите за гаснење пожари со пренамена на повеќе од 50 застарени возила од магацините на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски, по отворањето на новите производствени капацитети на компанијата „Реплек“. Тој истакна дека возилата се во завршна фаза на подготовка и наскоро ќе биде демонстрирана нивната ефикасност преку показна вежба.
„Од ништо направивме нешто“, рече премиерот, објаснувајќи дека старите оклопни и теренски возила, како БТФ70/80 и хермалините, се модернизирани со инсталација на специјални резервоари за вода со капацитет до шест тона и пумпи со висок притисок.
„Можат да пристапуваат на непристапни терени. Она што ни беше многу важно – навечер, кога, како што велат стручно, оганот спие, да може да му пристапиме и да го угасиме за да не се распламти преку денот“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува вкупно 50 до 60 вакви возила да бидат ставени во функција во најкус можен рок, со цел државата да биде што поподготвена за справување со евентуални пожари.
Во однос на општата подготвеност на институциите, Мицкоски оцени дека земјата е „многу поподготвена“ во споредба со претходните години, потенцирајќи ја улогата на армиските и полициските хеликоптери, како и авионите за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Два се тука, го чекаме и третиот да пристигне – популарно наречените Ер трактори“, додаде премиерот.
На новинарско прашање за финансиските средства издвоени за пренамената на возилата, Мицкоски одговори дека се работи за минимални трошоци и дека проектот е реализиран претежно на волонтерска основа и со поддршка од општествено одговорни компании. „Буџетот не го чини воопшто“, истакна тој.







