Кина претстави нова генерација на таканаречени „графитни бомби“, познати и како „бомби на мракот“, кои можат да ја парализираат цела електрична мрежа без да предизвикаат директни човечки жртви.
Во анимирано видео објавено од државните медиуми, се прикажува ракета што исфрла 90 мали субмуниции. Тие по падот самостојно се активираат и ослободуваат облак од графитни честички, кои предизвикуваат кратки споеви и ја онеспособуваат електричната опрема, што доведува до целосен прекин на струја.
Иако ова оружје не е новитет – НАТО го користеше во 1999 година во Србија, а САД во Заливската војна – кинеската верзија користи понапредна технологија со самодетонирачки мини кои прецизно таргетираат критична инфраструктура.
Кинеската демонстрација доаѓа во време на зголемени тензии околу Тајван и растечко стратешко партнерство со Русија.
Иако неубиствени, ваквите бомби можат да имаат смртоносни последици поради прекини во болници, сообраќај, водоснабдување и комуникации – предупредуваат аналитичарите.







